Средба на министерот Шапуриќ со пратеникот во Европскиот Парламент и претседател на АЛДЕ Ханс Ван Бален

Во кабинетот на министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија проф. д-р Зоран Шапуриќ денес на средба беше пратеникот во Европскиот Парламент и претседател на АЛДЕ Ханс Ван Бален, кој е голем поддржувач на Македонија.

На средбата министерот Шапуриќ го информираше Ван Бален за Планот за економски раст на Владата, односно мерките за поддршка на странските и домашните инвеститори.

,,За прв пат во Македонија, условите за инвестирање се еднакви и за странските и за домашните инвеститори̋  истакна Шапуриќ.

Потоа, министерот го запозна со активностите кои ги спроведува за подобрување на бизнис климата, преку посети на компании, состаноци со стопанските комори во Македонија, учество во изготвување и спроведување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и друго. Резултатите од овие мерки и активности се веќе видливи, показател за тоа е склучувањето на околу 100 договори за финансиска поддршка со компании како и растот на БДП од 3.1% во вториот квартал од оваа година, што претставува значајно забрзување на економскиот раст.

Се разговараше и за претстојниот референдум којшто ги отвора вратите за евроатланските перспективи и полноправно членство на Македонија во НАТО како 30 држава, и добивање на датум за отпочнување преговори со Европската Унија. Беше констатирано дека членството во НАТО и приближувањето кон европското ,,семејство,, ќе донесе низа бенефити за Македонија, особено пораст на економијата и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Европратеникот изрази задоволство од реформите во економскиот сектор како и за одлучните политики на Владата, предводена од Претседателот Зоран Заев, коишто по 11 години застој, водат кон прогрес на државата. Тој ја потенцираше сопствената и поддршката на Европската Унија за Македонија, и истакна дека се надева дека граѓаните ќе ја препознаат оваа историска шанса и на 30 септември ќе излезат на референдум и ќе го дадат својот глас за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *