Работна посета на министерот Шапуриќ во Битола

Дека владиниот План за економски раст, заедно со законските и подзаконските прописи за финансиска поддршка на инвестициите успешно се реализираат и вродуваат со плод, се склучените околу 100 договори со компании кои најавија нови инвестиции во понатамошниот период.

Денес, министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија проф. д-р Зоран  Шапуриќ беше во посета на токму една таква компанија, Цермат ДОО Битола, компанија која повеќе од 20 години опстојува на пазарот, има околу 250 вработени и извезува во над 25 држави-земји членки на Европската Унија.

Менаџментот на Цермат изрази задоволство од дадена поддршка од страна на Владата со склучениот договор за финансиска поддршка на инвестициите по повеќе основи, и го запозна министерот Шапуриќ со идните планови за развој во сопствениот производствен капацитет, и тоа преку набавка на нова опрема на машини, лабораторија, зголемување на бројот на вработени и извоз и др. Истакнаа дека во следните неколку години имаат за цел да инвестираат околу 15 милиони евра.

Го прошетаа и запознаа министерот со целокупниот производствен процес на сладолед и други млечни и кондиторски производи, а воедно и со потребите за нови хали, простории за производствен процес и складирање на производите, со што побараа да се олеснат процесите за преманема на земјиште и добивање на парцели заради побрзо реализирање на бизнис плановите, кои би придонеле кон севкупно придвижување во нагорна линија на македонската економија.

Министерот Шапуриќ истакна дека владината политика за економски раст ќе продолжи и ќе се надградува во понатамошниот период, како и определбата за постојана комуникација со бизнис заедницата за секоја од економските сфери. Секако дека и патот на Македонија кон ЕУ и НАТО ќе доведе кон унапредување на бизнис климата и темпото на инвестирање.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *