Министерот Шапуриќ одржа говор на Меѓународниот економски форум во Загреб

Вчера министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија проф. д-р Зоран Шапуриќ имаше обраќање на Меѓународниот економски форум „Перспективи”, што се одржа во Загреб од 4-6 декември. Во своето излагање тој зборуваше за регионалната економска соработка која води кон подобра иднина на регионот. Намалување на сите видови бариери, како што се царинските и транспортните олеснувања, признавање на лиценци и сертификати и олеснување на сите останати процедури ќе придонесе до значително поголема економска соработка на земјите во регионот. Тој ја истакна силната определба  на Владата на Република Македонија за унапредување на економската и политичката соработка со сите земји во регионот. Исто така, тој ги презентираше мерките за економски раст на Владата и укажа дека постои огромен потенцијал за заеднички настап на трети пазари на компаниите од земјите во регионот.

Во рамките на Форумот Шапуриќ претседаваше и со една пленарна сесија, а подоцна во име на организаторот на форумот додели плакети на успешните компании од регионот, меѓу кои и на компанијата Тиквеш.

За време на престојот во Загреб Шапуриќ оствари и билатерални средби со Предраг Штромар, министер за градежништво и просторно планирање во Владата на Хрватска, Жупанот на Загребачка Жупанија, Стјепан Кожиќ, државниот секретар Жељко Урлих, претседателот на ХНС Иван Врдољак, повеќе пратенци во хрватскиот парламент и други преставници на институциите на Хрватска.

Шапуриќ исто така, со Жупанот Кожиќ и други  претставници на централни и локални институции во Хрватска ја   отвори прва Алеа на претприемништво во индустриска зона во регионот, која се наоѓа во околината на Загреб, каде се наоѓаат производни погони на повеќе светски и хрватски познати брендови , меѓу кои и фабриката за автомобили Римац.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *